Еурофарм Пелистер 2 продолжува со формирање на тимот за новата сезона, во која битолчани сакаат да направат млад, но респектабилен состав. По Кристијан Симоноски, Марко Трајков и Божидар Илиески, ново засилување е десното крило Александар Стојков.
Како што неодамна најави 24Ракомет, Стојков доаѓа во Битола и одново ќе соработува со Бранислав Ангеловски, а клубот добива играч со суперлигашко искуство и квалитет на позицијата десно крило.
Во кариерата Стојков има настапувано за Голден Арт, Струга и Куманово, а во дел од овие средини имаше значајна улога во нападот. Беше дел и од двата тима од Автокоманда.
Најголемо европско искуство собра во Автокоманда каде беше дел од составот што настапуваше во ЕХФ Европската лига. Потоа настапуваше и за Струга, каде имаше забележителни партии во завршницата од сезоната. Последно беше дел од Куманово, каде се наметна како сигурен реализатор и пеналџија.
Битолчани во новата сезона ќе имаат нов тренерски концепт со Бранислав Ангеловски на клупата. Поранешниот македонски репрезентативец и екс тренер на првиот тим на Еурофарм Пелистер се враќа во Битола со задача да изгради тим што ќе има развојна функција, но и доволно квалитет за да биде конкурентен во домашното првенство.
Ангеловски веќе покажа дека знае да работи со млади состави. Со тимот од Автокоманда доминантно ја освои Првата лига и избори пласман во Супер лигата без пораз, а подоцна со Еурофарм Пелистер ја освои шампионската титула како тренер на првиот тим. Токму тоа искуство сега треба да биде искористено во вториот состав на битолчани.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________























