Ракометарите на Еурофарм Пелистер 2 ја запишаа третата победа во битката за опстанок, откако пред својата публика го совладаа тимот на Скопје со 39:22 во натпревар од 5. коло од плеј-аут фазата.
По израмнетиот старт, односно нерешените 3:3, гостинскиот тим од Скопје со погодоците на Мишевски, Павлов и Шокоски успеа да се одлепи на 6:3. Добрата игра на избраниците на Димитриоски беше знак домаќините да заиграат поангажирано, па така за пет-шест минути го вратија резултатот во своја корист.
По предноста на Скопје од 7:4, следуваше одлична серија на младите битолчани, кои постигнаа седум гола во низа, се одлепија на 11:7 и до крајот на полувремето имаа активен резултат. Гостите на моменти парираа, но не можеа да направат нешто повеќе и на пауза заминаа со негатива од минус четири, 16:12.
Во вториот дел веќе дојде до израз квалитетот меѓу двете екипи, домаќините победата ја запишаа уште во 40 минута при предност од 24:16. Еурофарм Пелистер 2 до крајот само ја зголемуваше предноста за конечни 17 гола разлика.
Најефикасен во победничката екипа беше црногорскиот интернационалец Богдан Мијушковиќ со осум погодоци. Кај Скопје се истакнаа Дамјан Јакимовски и Марио Мишевски, двајцата по четири пати се запишаа во листата на стрелци.