Две финалиња во еден ден за Македонија: Новеска и Кузманоски веруваат во злато

Maшката и женската кадетска репрезентација денеска ќе се борат за златен медал на Светското првенство што се игра во Скопје.

Кадетките од 14:00 часот ќе се соочат со Хрватска во битка за злато, а селекторката Даниела Новеска го најави финалето.

„Среќни сме што ќе играме финале и тоа на домашен терен. Девојките се мотивирани, очекуваме успех, затоа и сме тука. Овие натпревари се добредојдени за оваа репрезентација. На полуфиналниот дуел со Турција успеавме да останаме стабилни, од минути во минута ја подигавме формата, во второ полувреме беше прашање само крајниот резултат. Денешниот против Хрватска исто ќе биде драматичен, во изминатите денови не ги искористија сите расположливи сили, во својот состав имаат квалитетни репрезентативки. Наше е да се бориме, се надеваме дека уште еднаш ќе ја израдуваме нацијата“, изјави Новеска.

Кадетите од 16:00 часот ќе играат против Израел, а се селекторот Горан Кузманоски

„Играчите покажаа карктер, иако не беа лесни последните два меча против Саудиска Арабија и против Србија. Одбраната го реши победникот против Србија, им реков на момците ако го спроведеме нашиот систем нема да имаме проблем. Пред почетокот амбициите беа да играме финале и да освоиме медал, тоа го исполнивме. Морам да напоменам дека ние дојдовме од Медитерански Игри, доста играчи се преморени, никој не знае дека шест-седум играчи имаа вирус, не можеа од кревет да станат, само доаѓаа за да одиграат натпревар и си одеа. Но, сето тоа заедно го пребродивме, се пласиравме во финалето и се надевам на добра игра. Финале е, секој може да победи“, изјави Кузманоски.

Финалните натпревари се играат во СЦ „Јане Сандански“, а влезот за двата меча е слободен.