Екипата на Чаир победнички го започна вториот дел од сезоната во Женската лига, на свој терен славеше против Вардар со 33:30 и со новите освоени бодови го презеде второто место на табелата.
Избраничките на Басри Љатифи диктираа темпо во првото полувреме, во кое најчесто водеа со три до четири гола разлика. Чаир отвори според посакуваното, поведе со 3:0 и како одминуваше времето домаќинките беа сѐ посигурни во нападот, но во финишот од првото полувреме како да се опуштија и дозволија ривалот да има неколку ситуации за камбек.
Чаир во еден момент во првите 30 минути дојде до пет гола разлика, 9:4, но до крајот на полувремето „црвено-црните“ не дозволија ривалот да има висока позитива. Домаќинките ја имаа разиграната Дукоска, која погодуваше кога најмногу требаше, додека во вардаровиот табор најчесто погодоците во првиот дел беа дело на десното крило Трпевска и средниот бек Бојана Коцева.
Домашниот тим иако водеше, тимот на Вардар постојано се закануваше, па така гостинките заостануваа на гол негатива во последниот дел од првото полувреме. Резултатот по 30 минути игра беше 15:13 во корист за тимот на Љатифи.
Второто полувреме започна со три гола во низа на Чаир, домаќинките бргу дојдоа до 18:13. Вардар возврати со иста мера, намали на 18:16 и даде до знаење дека ништо не е завршено на овој дуел. До крајот на натпреварот, тимот на Чаир константно беше во предност од два до четири гола разлика, во 50 минута предноста на домашниот тим беше 29:25 и тука веќе беше јасно дека бодовите ќе останат за домашната екипа.
Најефикасна во победничката екипа беше Теодора Дукоска со 13 погодоци, а во поразениот табор Ивона Трпевска ги предводеше стрелците со осум погодоци.