Дисингер си најде нова средина, ќе игра во последнопласираниот тим во Унгарија

Поранешниот член на Вардар, Кристијан Дисингер, во новата сезона ќе настапува во унгарскиот шампионат.

Германецот, кој игра на позиција лев бек, во претходниот период беше во потрага по нов клуб, откако не успеа да се договори на соработка со дански Колдинг.

Дисингер сега ќе игра во Унгарија и ќе го носи дресот на суперлигашот Плер Будимпешта. Станува збор за клуб кој моментално се наоѓа на последното место во тамошното првенство и на шест одиграни натпревари има освоено само бод.

Левиот бек настапуваше три сезони во Вардар, со кој се искачи на европскиот врв во 2019 година по триумфот над Веспрем. Со германската репрезентација стана европски шампион во 2016 година, по што следуваа трансферите во Сиудад Реал, Кадетен Шафхаузен, Кил…

Искусниот ракометар минатата сезона ја мина во катарскиот тим Ал Духаил, откако претходно две сезони беше дел од романскиот тим Динамо Букурешт, каде не се изнаигра многу.

Дебито на Дисингер во редовите на Плер Будимпешта се очекува да биде на 21 октомври во дуелот против амбициозниот Будакалаш.