Чудо не се случи – еве ги следните ривали на Македонија на ЕП во битките за пласман

Со дуелот меѓу Германија и Португалија, кој го добија Португалците со 21-17 и со тоа го освоија првото место во групата Б, заврши групната фаза на младинското Европско првенство во словенечкиот град Целје.

Поразената селекција на Германија е најдобра втора (+16) во сегментот А-Ц, и во рангирањето е пред Македонија (+10) и Франција (0), кои исто така имаат по четири бода, но полоша гол-разлика.

Во разигрувањето за пласман од 9 до 16 место на континенталниот собир, Македонија ќе биде дел од групата И, заедно со Франција, и најдобрите две третопласирани селекции од сегментот Д-Ф, а тоа се Полска и Романија.

Натпреварите ќе се играат на 15, 16 и 18 јули, додека утре и во среда ќе биде слободен ден за македонските ракометари. Прво и второпласираните од нашата ќе вкрстат по принципот полуфинале-финале со најдобрите две од групата Ј во која се Србија, Хрватска, Словенија и Унгарија, а ист ќе биде случајот со трето и четвртопласираните од двете групи.

Победниците ќе играат за 9, односно 13 место, додека поразените за 11, односно 15 место.