Репрезентацијата на Хрватска на Светското првенство 2025 ќе игра во финалето, а за златото ќе се бори против силната Данска.
Поранешниот тренер на Металург и селектор на Македонија, Лино Червар, во разговор за Спортклуб истакна дека е голем оптимист за утрешното финале.
,,Мислам дека го имаме златото в раце, бидејќи покажавме дека имаме одбрана и систем, а одбраната во ракометот е најважна работа. Ја видовме Франција, која е составена од врвни играчи, како беше беспомошна…Знаете дека одбраната води до транзиција и тоа го покажавме. Јас сум оптимист одиме силно, скромно и самоуверено, затоа мислам дека ги имаме сите можности да победиме”, изјави Червар.
Утрешното финале меѓу Хрватска и Данска е на програмата од 18:00 часот.