Ракометарките на Чаир остануваат во конкуренција за второто место во Женската лига, откако славеа на гости кај Куманово со 36-30.
Гостинките во текот на целиот меч ја имаа контролата и не дозволија ниту еднаш Куманово да се надева на нешто повеќе од чесен пораз.
Чаир водеше од стартот на мечот, а домашните имаа само еден момент на блесок, кога по водството на гостинките со 15-10, стигнаа до реми, 15-15.
Но Дукоска со два гола пред паузата се погрижи за плус два за Чаир, 17-15. Во вториот дел беше полесно и задачата беше одработена рутински.
Дукоска беше најдобра кај Чаир со 12 гола, а седум даде Стефанија Ѓорѓиевска. Во составот на Куманово, Шехтанска имаше девет гола, а Мемов постигна шест.
Чаир сега има 23 бода на третото место, и во последните три кола ќе решава за второто место со Металург Автокоманда, кој има 27 бода на втората позиција.