Борец сакаше да се повлече од теренот во Ресен, на крајот прими 55 гола!

Tимот на Преспа Ресен оствари убедлива победа против Борец со 55-32 во неважен натпревар од прволигашкиот плеј-оф.

Велешани парираа во првите десетина минути, потоа останаа без Душан Крстевски, кој доби црвен картон.

По една негова грешка и приговор, судиите му доделија исклучување од две минути, но тој продолжи со протестите и доби уште едно. Реагираше и на записничката маса, па си доби црвен картон.

Борец во ростерот имаше десет ракометари, па остана во продолжение само со две замени. Имаше обид и за повлекување на екипата, но сепак гостите останаа и по краток прекин натпреварот продолжи.

До паузата Преспа стигна до плус пет, 21-16, а второто полувреме беше само формалност и од домашните ракометари сите освен голманите се запишаа во листата на стрелците.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Радевски со осум, како и Фузевски и Димитриевски со по шест погодоци, додека кај Борец 19 гола даде Атанасовски.