Лев бек од Молдавија доаѓа во Радовиш!

Тимот на Радовиш го комплетира ростерот пред важните битки за опстанок во суперлигашкото друштво, а најновото засилување доаѓа од Молдавија, дознава 24Ракомет.

Станува збор за левиот бек Игор Кисељов, кој освен молдавски има и руски пасош и ќе биде еден од главните адути во следните десет меча за Радовиш.

Кисељов, освен на левата, настапува и на средната бековска позиција, а првиот дел од сезоната го мина во финскиот ХИФК Хелсинки. Потекнува од Олимпус Тираспол, каде играше до 2015 и оттогаш ја почнува интернационалната кариера.

Молдавскиот репрезентативец играше за францускиот Ажаксио, за словачкиот тим Спорта Хлоховец, за израелските Рамат Ган и Нес Зиона, рускиот Динамо Челјабинск, па за турските Измир и Беледијеспор, пред да мине една сезона и во косовскиот шампион Беса, од кадешто заминува во Финска.

Меѓу сите ангажмани, има и краток во Индија во 2023 година, каде што беше прогласен за МВП на лигата и на завршниот турнир, каде неговиот тим Махараштра Ајронмен беше шампион.

Претходно Радовиш го донесе Игор Котевски на тренерската позиција, кој ќе соработува со Спасе Ѓорѓиев и Александар Долдуров во стручниот штаб, а меѓу засилувања се десните бекови од Бразил и Србија – Александер Антонио Сантош и Лазар Адамовиќ, потоа бразилскиот пивот Густаво Паива, како и Стефан Кочаров, Петар Цветковски, Томче Трајчевски, Ивица Илиев и Славјан Паунов…

Радовиш во моментов е последен на табелата во Супер лигата и по последното коло од регуларниот дел таму ќе остане, па ќе стартува без бодови во разигрувањето за опстанок во елитното друштво.