Тимот на Бутел Скопје ja продолжи традицијата и седми пат по ред се пласираше во плеј-офот за титулата во Супер лигата. Бутелци, откако беа најдобри во Првата лига во 2018 година и влегоа во елитната конкуренција, секогаш беа во врвот и меѓу најдобрите.
Така е и оваа сезона, иако тренерот Горан Кузманоски има млад ростер на располагање, помогнат со неколкумина поискусни. Првата цел е остварена, пласманот во плеј-офот не беше доведен во прашање од поодамна, а прв предизвик во разигрувањето за титулата ќе биде амбициозниот Охрид.
Капитенот на Бутел Скопје, Бојан Блажески, вели дека целта е остварена со пласманот во плеј-офот.
„Сите момци си имаа своја задача на секој натпревар и сите имаа свој придонес. Како што кажав и на почетокот на сезоната, целта беше да се игра плеј-оф, ние тоа го остваривме како и секогаш досега откако играме во Супер лигата. Очекувањата се остварени, еден период имавме и шанса да одиме и погоре на табелата, но еден меч против Тиквеш кој не го одигравме како што треба пресуди да завршиме шести. На крајот од денот задоволни сме, иако секако дека можеше подобро – важно целта е остварена“, вели Блажески.
Капитенот на Бутел Скопје вели дека иако во составот има многу млади ракометари, тие напорно работат и ги слушаат советите од поискусните, а со тоа добива и тимот.
„Чест е да се биде капитен на екипа како Бутел Скопје која веќе можеме да кажеме дека е етаблирана во врвот на македонскиот ракомет и која со години бележи добри резултати. Заедно со Димитар Ѓеоргиевски и Филип Николов, кои ми се заменици капитени, на секој тренинг и во секоја ситуација, се трудиме да помагаме на новодојдените ракометари или на помладите ракометари кои се дел од првиот тим. Сакаме сите да се надоградуваат, да им помогнеме да станат уште подобри, а со тоа и тимот ќе стане уште подобар и ќе остварува подобри резултати. Се надевам дека момците ќе продолжат да слушаат и да работат, имаат голем потенцијал“, потенцира Блажески.
Прв ривал на Бутел Скопје ќе биде составот на Охрид, кој четири пати по ред во последните две сезони славеше во меѓусебните двобои. Последната победа на Бутел е на 26 мај 2023 година. Блажески верува дека тој и соиграчите можат до триумф.
„Охрид вложува доста и за наредната сезона веќе направија сериозен проект. Ние целта ја оствариве, јас им кажав на дечките, а се согласи и нашиот тренер дека немаме никаков притисок во плеј-офот. Тоа сепак не значи дека треба да влеземе лежерно во натпреварите без амбиции и да се предадеме однапред. Ние сакаме да се натпреваруваме со секоја екипа, јас верувам во соиграчите и верувам дека можеме да оствариме победа над Охрид. Не сакам да издвојувам поединци од гостинската екипа, но тие имаат добра полуконтра и брз центар, и мислам дека во тој налет се најопасни. Ако го спречиме тоа, ќе ни биде полесно да се браниме на поставена зона. Мислам дека тоа е најсилното наше оружје и потоа транзиција во контра или полуконтра и тука ни е најголемата шанса за позитивен резултат“, заврши Блажески.
Натпреварот меѓу Бутел Скопје и Охрид е закажан за в среда од 18:00 часот во салата „Антон Димитров“, а бутелци и вториот меч од плеј-офот ќе го играат дома, в сабота против Вардар од 18:00 часот.