Уште еден ден остана до реваншот од финалето во ЕХФ Европскиот Куп меѓу Охрид и Татабања во СРЦ „Билјанини Извори“.
Тренерот Борис Ројевиќ вели дека историјата е испишана со самиот влез во финалето, но освојувањето на трофеј би бил уште поголем успех за клубот, градот и државата.
„Би рекол дека историјата веќе е испишана со самиот влез во финалето, што е огромен успех. На чекор сме до трофеј во ЕХФ Европскиот Куп што ќе биде голем успех, не само за клубот, туку и за градот и државата. Можам да кажам дека заедно со момците и навивачите ќе го оставиме последниот атом од силите на теренот. Кога почна овој Куп, Татабања беше апсолутен фаворит за трофејот, меѓутоа ние имаме добар резултат од таму, мислам дека можеше да биде и подобар, но нема да се навраќам на тоа што се случуваше. Го имаме тоа што го имаме, ќе го имаме зад себе целиот град, а тоа го чувствуваме сите овие денови. Тензијата расте, сите едвај чекаме да почне мечот. Сакам на сите да им се заблагодарам за сезоната што изминува, фантастична за нас, управата која одработи сјајна работа, играчите, стручниот штаб и ова е резултат на добрата работа на сите и добрата атмосфера што ја направиме сите“, изјави Ројевиќ.
Тој добро го познава ривалот, но смета дека најважно е неговите момци да влезат без притисок во мечот.
„Татабања игра многу подобро на гостински терен. Играат растоварено. Моите момци треба да се опуштат и да играат најдобро што знаат, да не бидат под притисок освојување на трофејот. Историјата е веќе испишана, сакам моите момци да влезат опуштено во финалето и ова да им биде награда за се што направија оваа сезона“, заврши Ројевиќ.
Натпреварот меѓу Охрид и Татабања се игра утре во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток од 20:00 часот.
























