Битола пак ќе ги види Хенеберг и Табоада, доаѓаат и Циндриќ, Ѓукиќ, Милосављев…

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер втора сезона по ред ќе игра во групна фаза од Лигата на шампионите, но за разлика од лани кога Македонија имаше директно место во елитата, сега битолчани добија вајлд-карта.

Тимот на Бранко Ангеловски ќе игра во групата А заедно со екипите на Висла Плоцк, Веспрем, ПСЖ, Динамо Букурешт, Фуксе Берлин, Спортинг Лисабон и Фредериција. Со овие екипи во Битола во „Боро Чурлевски“ ќе гостуваат многу ракометари и тренери кои или веќе гостувале како членови на големиот ривал Вардар или биле дел од битолскиот состав.

Со ПСЖ ќе дојде Раул Гонзалес, а со Динамо Букурешт новиот тренер Давид Дејвис, потоа Анте Кудуз, како и десното крило Дарко Ѓукиќ, кој баш и не е омилен меѓу „Чкембари“.

Со данската Фредериција во Битола ќе гостуваат поранешните пелистерци – левите бекови Себастијан Хенеберг и Реине Табоада, додека со Веспрем ќе гостува Лука Циндриќ, кој многупати има гостувано во Битола како член на Вардар и Металург.

Во Битола со Фуксе Берлин веќе има настапувано Мијајло Марсениќ во Лигата на Европа, а сега ќе дојде и Дејан Милосављев. Двајцата како екс членови на Вардар имаат гостувано на жешкиот терен.

Стартот на новата сезона во Лигата на шампионите е планиран на 11/12 септември, а во првото коло, ПСЖ доаѓа на гости во „Боро Чурлевски“.

Нов распоред за ЛШ: Еурофарм Пелистер тргнува од Париз, Фуксе Берлин прв гостин во Битола