Бисинов со пресврт во финишот до победа над Радовиш

Трите бодови на дерби дуелот од 11. коло во прволигашкиот плеј-оф меѓу Бисинов и Радовиш ги освоија велешани, со пресврт во финишот триумфираа со 26:25 и го сочуваа максималниот учинок, остануваат непоразени и веќе сигурно чекорат кон посакуваната цел – директно место во елитата.

Домашниот тим во најголемиот дел од првото полувреме имаше активен резултат, но без голема комоција во играта. Велешани водеа со два до три гола разлика и на секоја нивна закана за зголемување на предноста, гостите до 25 минута возвраќаа со мини серија и се доближуваа на минус еден, а во финишот од првиот дел најпрво дојдоа до изедначување на резултатот, 13:13, потоа на пауза го презедоа водството.

Најзаслужни за пресвртот на гостинскиот тим беа искусните Стојановски и Митревски, кои во последните пет минути постигнаа вкупно седум погодоци. Бисинов немаше одговор за добрата серија на гостинскиот табор, наместо да се консолидира влезе во уште подлабока криза, гостите го искористија падот во играта на домаќините и на полувреме заминаа со предност од 15:14.

Радовиш на стартот на вториот дел се одлепи на 16:14, имаше одговор за одбраната на домаќинот и во 40 минута дојде до дотогаш највисоките плус три, 18:15. Три минути подоцна Радовиш со голот на Ончев зголеми на 20:15 и во тој момент јасно беше дека Бисинов ќе треба да даде повеќе од потребното за да остане непоразен.

Бисинов заигра поангажирано, го запре налетот на гостите и во 52 минута конечно дојде до изедначување, 22:22, а во 55 минута ја врати предноста, поведе со 24:23. До крајот се играше гол за гол, па така по 60 минути игра на победа се радуваше домашната екипа.

Најефикасни во победничката екипа беа Ивица Илиев со осум и Стефан Кочаров со шест погодоци. Во поразениот табор Иван Митревски беше најефикасен, имаше седум реализации.