Arnar Freyr ARNARSSON, Viggó KRISTJÁNSSON, Elliði VIÐARSSON, Stiven Tobar VALENCIA, Haukur THRASTARSON and Aron PÁLMARSSON, Croatia vs Iceland, Men's EHF EURO 2024 Germany, Cologne, Germany, 22.01.2024, Mandatory Credit © Uros Hocevar / kolektiff

Австрија загуби од Исланд и сама си ги уништи шансите за полуфинале!

Репрезентацијата на Исланд со победа го заврши настапот на Европското првенство 2024 кое се одржува во Германија, откако во последното коло од главната фаза славеше над Австрија со 26:24.

За Австрија дуелот со Исланд беше од голема важност, бидејќи со победа ќе останеше во игра за пласман во полуфиналето и за остварување на целта ќе требаше да се надева на победа на Хрватска во вечершниот дуел против Германија.

Ракометарите на Гудјонсон иако уште од поодамна ги загубија шансите за полуфинале, сепак, посакуваа со победа да го завршат настапот на континенталниот собир. Исланѓаните беа поконкретни во првото полувреме и во најголемиот дел водеа со еден до два гола разлика, додека во последните пет минути осетно ја зголемија предноста.

Австрија, која деливаше истрошено, само еднаш поведе во првите 30 минути и во четири наврати го израмнуваше резултатот. Исланд во последните пет минути од првото полувреме осетно ја зголеми разликата, од 10:8 стигна до 14:8. Овие шест гола предност на „рибарите“ на пауза не беа никаква гаранција дека можат да победат, бидејќи Австрија се врати во игра.

Избраниците на Пајовиќ ја преполовија негативата на почетокот на вториот дел и за шест-седум минути игра намалија на гол негатива, 15:14. Избраниците на Гудјонсон никако не можеа да го совладаат одличниот Местл, кој до 40 минута имаше 14 интервенции.

Австријците врзаа уште два гола во низа и во 43 минута направија комплетен пресврт, поведоа со 16:15. Исланд 12 минути беше без реализација, вториот гол во второто полувреме го постигна дури во 45 минута за 16:16. По феноменалниот камбек на Австрија следуваше игра гол за гол, во последните десет минути островската земја влезе со позитива од еден гол, 20:19, имаше позитива и од плус два (22:20, 23:21), но Австрија беше упорна и во 55 минута дојде до израмнување, 23:23.

Во последните пет минути повеќе фокусирани беа Исланѓаните, кои се одлепија на 25:23 и до крајот ја сочуваа стекнатата предност за победнички крај на ЕП.