Ракометарите на Охрид утре го играат последниот натпревар од полусезоната на домашен терен против големиот ривал Струга.
„Езерското дерби“ секогаш носи интересен ракомет, а левото крило на Охрид, Крсте Андоновски се согласува со тоа.
„Утре го играме последниот натпревар оваа полусезона. Ја пречекуваме Струга во езерското дерби, добро познат ривал за нас. Поради ривалството меѓу овие два града, секогаш има интересни натпревари без разликата кое ниво е квалитетот на двете екипи. Ние сме апсолутни фаворити, но Струга не смее во никој случај да биде потценета. Се надевам дека ќе одиграме еден добар натпревар и ќе завршиме со победа“, вели Андоновски.
Левиот бек Теимураз Орјоникидзе очекува со победа да биде заокружена полусезоната.
„Ние сме фаворити и ќе го дадеме најдоброто од нас за да победиме на овој натпревар и да ја заокружиме оваа полусезона во позитивна атмосфера. По Нова Година ќе се вратиме уште посилни“, вели Орјоникидзе.
Натпреварот меѓу Охрид и Струга се игра во СРЦ „Билјанини Извори“ со почеток во 17:30 часот.