Сефте за Радовиш, Постолов и Долдуров донесоа победа во Кисела Вода

Ракометарите на Радовиш победнички се враќаат од Скопје, откако во натпревар од 8. коло од Супер лигата беа подобри од составот на Јуниор КВ со 31:28, во натпревар од групата Б. Клучен фактор за победата на Радовиш беше подобрата игра во вториот дел, откако домаќините ја имаа контролата во поголемиот дел од првото полувреме, но не успеаја до крај да го сочуваат водството. Радовиш на табелата сега има пет бодови и ги зголеми шансите за повисок пласман во својата група.

Домаќините во најголемиот дел од првите 30 минути беа во водство, но никако не можеа да создадат посериозна предност и најчесто резултатот до 20 минута беше нерешен. На гостите им припадна воведниот дел, во два наврати беа во водство (1:0, 2:1) и од 5 минута, па сѐ до крајот на првото полувреме, избраниците на Котевски за нијанси беа подобри од гостинскиот состав. Јуниор КВ по десет минути игра дојде до највисоките дотогаш „плус 2“ 6:4, расположени беа Матовиќ, Печенковски и Симоновски, па така составот на Котевски имаше контрола на теренот, но без голема комоција во играта.

Јуниор КВ во 20 минута имаше 10:7 и сѐ чинеше дека лесно ќе се справи со гостинот, кој сѐ уште не беше влезен во голгетерски ритам. По водството на домаќините од 14:11, гостите со серија од 3:0 израмнија на 14:14 и со нерешен резултат се замина на пауза.

Радовиш во вториот дел го презеде водството и успеа да го сочува до финишот и да се израдува на првата победа во новата натпреварувачка сезона. По нерешените 17:17, следуваа три гола во низа на гостите за водство од 20:17. Котевски мораше во 35 минута да побара тајм-аут, со цел неговите избраници да заиграат поангажирано и да се вратат во игра.

Следуваше период, во кој Радовиш го контролираше водството, имаше плус три во уште неколку наврати и при водство од 23:20, домаќините во 48 минута израмнија на 23:23 и една грешка ги чинеше пораз. Радовиш од контра постигна гол за 24:23, потоа ја казни невнимателноста на домаќините, откако не организираа сигурен напад, дојде до 25:23, односно 26:23 на речиси осум минити пред крајот и тука веќе немаше многу време за камбек на домашната екипа.

Предводници во победничката екипа беа Здравко Постолов и Александар Долдуров со по девет погодоци, а одличен на голот беше искусниот Славјан Паунов. Во поразениот табор листата на стрелци беше предводена од Дарио Симоновски со седум погодоци.