Вардар десеткуван против Нант – нема да играат најмалку тројца!

Вардар го чека натпреварот против Нант од Лигата на шампионите, а како и против Мелсунген, нема да играат најмалку тројца од ракометарите.

Надвор од комбинација се суспендираниот Урош Митровиќ, како и Милан Лазаревски и Милан Бомаштар, додека одлуката за Жоао Педро Да Силва ќе биде донесена по последниот тренинг. Oдамна повреден е и Марио Стојановски.

„Што се однесува до утрешниот натпревар, сигурно Лазаревски нема да биде со нас, а нема да настапи ниту Бомаштар. Лазаревски веќе извесно време има проблем со рамото. Работи и тренира, но одвоено од тимот, па сигурно нема да биде со нас и на овој натпревар. Ќе гледаме што ќе донесе секоја следна недела. Секој ден е подобар, но сè уште не е подготвен да работи со тимот. Бомаштар повторно почувствува болка во грбот на вчерашниот тренинг, така што сигурно нема да може да ни помогне. Педро е во завршната фаза од закрепнувањето. Денес го имаме последниот тренинг и потоа заедно ќе одлучиме што е најдобро. Се надевам дека, во однос на натпреварот во Касел против Мелсунген, утре ќе бидеме посилни и ќе имаме поголема ротација со Педро“, додаде Чупиќ.

Вардар и Нант ќе се соочат во СЦ „Јане Сандански“, а „црвено-црните“ по тесниот пораз од Мелсунген во првото коло ќе се обидат пред своите навивачи да стигнат до првите бодови во европската елита. Мечот се игра утре од 18:45 часот.