Неготинци пропуштија плус шест – Драчево Јуниор во последната секунда се избори за реми!

Дербито од првото коло во Првата лига меѓу Драчево Јуниор и Вардар Неготино заврши со поделба на бодовите, 27-27.

Иако гостите имаа плус шест во вториот дел, 20-14, на паузата плус три, 11-8, сепак на крајот упорните домаќини се изборија за реми со голот што го постигна десното крило Стефан Крстески во последната секунда.

Во првиот дел двата тима останаа со играч помалку, бидејќи црвени картони поради остри стартови добија Томче Пецаковски од Драчево Јуниор и Наќе Ѓорѓев од Вардар Неготино.

Домашните успеаја во финишот да израмнат на 25-25, а беше и 26-26, пред десното крило Мартин Димов да погоди за водство на неготинци на стартот на последната минута. Тогаш Драчево тргна во напад, погреши и останаа 15 секунди за гостите.

Драчевци играа пресинг, гостите згрешија во додавањето и Стефан Крстески казни со погодок за голема радост на домашните и голем бод на стартот на сезоната.

Најдобри стрелци во домашниот тим беа Стефан Крстески со седум и Давид Младеновски со пет, додека кај гостите се истакнаа Мирослав Митевски со десет и Драган Кузманов со пет погодоци.

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾