Тимот на Аеродром имаше победнички старт на новата сезона во прволигашката конкуренција и славеше кај Радовиш со 31-30.
Натпреварот беше драматичен и изобилуваше со пресврти на двете страни, а на паузата беше нерешено, 16-16. Радовишани во вториот дел стигнаа до 26-22, највисока предност, но како да застанаа во овој момент и во последните десетина минути доминираа избраниците на Митко Стоилов.
Стојаноски, Сибиновски и Божиновски реализираа за 26-25, а во последните пет минути со три гола во серија Аеродром направи комплетен пресврт и поведе со 30-29.
Атанасов израмни, но потоа Митановски стрелаше во домашниот гол за 31-30. Радовиш тргна во напад, голманот Богданоски одбрани, потоа аеродромци погрешија, и домашните имаа уште една шанса за реми. Сепак Богданоски одново беше поуспешен и двата бода заминаа за Скопје.
Поповски со девет и Божиновски со осум гола го водеа Аеродром, додека кај Радовиш се истакнаа Трајанов со осум и Петров со седум погодоци. Во следното коло, Аеродром ќе гостува кај Овче Поле, а Радовиш ќе го пречека Драчево Јуниор.

























