Екипата на Еурофарм Пелистер 2 му пружи жесток отпор на фаворизираниот микс состав од Македонци и странци на тимот на Кирил Лазаров, кој ги однесе бодовите од Битола, откако славеше со 31-27.
Да не беше голманот Иван Галевски, кој имаше 11 интервенции на голот на гостите, во Битола сигурно ќе беше поинаков резултатот. Младите пелистерци предводени од Бранко Ангеловски, беа тврд орев и мотивирани да ги покажат своите квалитети.
Многумина од нив беа дел од тимот од Автокоманда, па тоа беше дополнителен мотив против довчерашниот тим да покажат што знаат. Гостите први стигнаа до залиха од три гола, 10-7, но до паузата со голот на Симоноски битолчани намалија на 11-10.
На стартот на второто полувреме исто така се играше израмнето, беше 16-16, но тогаш скопскиот тим направи серија преку репрезентативците Костески, Митев и Ѓорѓиев за 20-16, но одново домашните не се предадоа и ја стопија негативата на минус еден, 23-22 на влезот на последните десетина минути.
Сепак искуството дојде до израз во финишот, домашните промашија пенал, потоа имаа уште два нереализирани напади и гостите ги казнија грешките за на крајот да слават со 31-27 и да го однесат бодовите за Скопје.
Во домашниот тим се истакна Симоноски со девет гола, а Димевски даде седум, додека кај победничката екипа, Митев со шест и Костески со пет беа предводниците.

























