Поранешниот полски репрезентативец и легендарен ракометар на Келце, Карол Биелецки, официјално е назначен за нов претседател на клубот.
44-Годишниот Белецки ја презема функцијата од Павел Папај, кој беше претседател од јули 2025 година и сега ќе остане дел од новиот состав на управата.
„Одлично се чувствувам. Се враќам во средина во која се чувствувам прекрасно. Знам како функционираше клубот порано и како треба да функционира. Искуството што го стекнав во странство, како и во управувањето со сопствената компанија, сакам да го пренесам во работата на клубот“, изјави Биелецки.
Биелецки е продукт на школата на Висла Плоцк, а во Келце првпат настапуваше од 1999 до 2004 година. Потоа осум сезони помина во Германија, каде што играше за Магдебург и Рајн Некар Левен, пред во 2012 година повторно да се врати во Келце.
Со полскиот гигант освои седум титули во полското првенство, а во 2016 година стигна до најголемиот успех – ја освои Лигата на шампионите.
За репрезентацијата на Полска Белецки настапуваше од 2002 до 2017 година. Освои сребро на Светското првенство во 2007 година и две бронзи – во 2009 и 2015 година.
По успешната играчка кариера, една од легендите на Келце добива нова задача – да го предводи клубот од претседателската функција.

























