Екс вардарката во нова мисија – Цвијиќ дел од стручниот штаб на Србија!

Поранешната српска репрезентативка Драгана Цвијиќ, која неодамна стави крај на својата богата играчка кариера, ќе остане дел од националниот тим, но во нова улога.

Цвијиќ ќе биде дел од стручниот штаб на новата селекторка Сандра Колаковиќ и ќе ѝ помага во работата со српската репрезентација. Нејзиното огромно искуство од теренот треба да биде значаен адут за новиот стручен штаб, особено во периодот на создавање на новата генерација.

Србија во моментов минува низ големи промени. Од репрезентацијата се прости Катарина Крпеж Шлезак, додека Цвијиќ ја заврши играчката кариера.

Колаковиќ за првата репрезентативна акција повика и неколку нови имиња. Србија подготовките ќе ги започне на 17 септември во Крушевац, а на 23 септември ќе пристигне во Охрид, каде што ќе настапи на „Трофеј Македонија“ заедно со нашата селекција, Црна Гора и Хрватска.

За Колаковиќ, турнирот во Охрид ќе биде прва сериозна можност да го постави системот на игра и да добие појасна слика за кандидатките за ЕП, а сега покрај себе ќе има и едно добро познато лице – Драгана Цвијиќ, која по завршувањето на играчката кариера започнува ново поглавје во српскиот ракомет.

Цвијиќ најдолго време играше за Будуќност, а во играчката кариера покрај за Вардар, каде што мина една сезона, беше дел од Црвена Звезда, Крим, ЧСМ Букурешт, ЦСКА Москва и Ференцварош.