Охрид е во финале, а Славиќ порача: Кој и да дојде, ќе дадеме 100 проценти

Охрид со победата над Дубочица, 26-21 обезбеди пласман во финалето на турнирот во Струга, а Дино Славиќ го имаше својот прв настап на голот на „гладијаторите“. Хрватскиот голман призна дека екипата имала осцилации, но верува дека со текот на подготовките играта ќе станува сè подобра.

Охрид ја продолжи победничката серија на турнирот во Струга и со триумфот над Дубочица обезбеди место во финалето. Дуелот со српскиот претставник беше посебен и за Дино Славиќ, кој го имаше својот прв настап на голот на Охрид.

Иако конечниот резултат беше во корист на „гладијаторите“, Славиќ смета дека екипата не го започнала натпреварот на посакуваното ниво.

„Мислам дека лошо го отворивме натпреварот. Не бевме доволно агресивни, немавме потребна подвижност во нападот, а направивме и неколку технички грешки. Поради тоа натпреварот беше неизвесен речиси до последните десет минути“, вели Славиќ.

Во завршницата, сепак, Охрид успеа да ја наметне својата игра и да ја претвори разликата во квалитет во сигурна победа.

„На крајот мислам дека нашиот квалитет пресуди и дека заслужено победивме“, додава голманот на Охрид.

Славиќ не е загрижен поради осцилациите во играта. Екипата се наоѓа во рана фаза од подготовките, а летово пристигнаа повеќе нови ракометари, па за целосно воигрување ќе биде потребно време.

„Имаме уште многу време да се воиграме. Во екипата има многу нови играчи и потребно е време сè да дојде на свое место. Ова се подготвителни натпревари и токму затоа ни служат – да ги поправаме работите и од натпревар во натпревар да бидеме подобри.“

Охрид сега го очекува финалето, каде ќе се обиде да го одбрани трофејот освоен минатата година.

За Славиќ нема дилема околу пристапот без разлика кој ќе биде противникот.

„Кој и да дојде во финалето, ќе дадеме 100 проценти од себе. Се надевам дека ќе успееме да победиме и повторно да го освоиме турнирот“, порача Славиќ.

_________________________________________________________________________________________
▶▶▶  Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________