Франција, Данска, Германија и Шпанија обезбедија пласман во полуфиналето на Светското првенство за младинки што се одржува во Кина, по возбудливите четвртфинални пресметки.
Актуелниот светски шампион Франција продолжува со перфектниот настап на турнирот. Французинките ја забележаа шестата победа во исто толку натпревари, совладувајќи ја Црна Гора со убедливи 33-23. Давија Абду беше незапирлива со осум погодоци, додека голманскиот тандем Роман Жиндро и Камил Депуизе собра 13 одбрани.
Данска без поголеми проблеми ја елиминираше Србија со 38-26. Данките уште во воведните минути направија серија од 6-0 и практично го решија прашањето околу победникот. Кристине Емили Хопе беше најефикасна со девет голови, Џули Боендорф Јохансен постигна осум, а голманката Фреја Фонсека Нилсен натпреварот го заврши со 14 одбрани.
Најголемата драма се случи во дуелот меѓу Германија и Норвешка. Германките славеа со 23-22, иако на почетокот на второто полувреме имаа негатива од пет голови (12-17). Со серија од 6-0 направија целосен пресврт, а голманката Лена Мари Линдеман со 16 одбрани беше најзаслужна за пласманот во полуфиналето.
Во последниот четвртфинален натпревар, Шпанија ја совлада Јапонија со 34-33 по неизвесен финиш. Јапонките неколкупати се враќаа во игра, но во завршницата не успеаа да израмнат. Паула Рико ја предводеше Шпанија со седум гола и беше прогласена за најдобра ракометарка на натпреварот.
Полуфинални двојки:
Франција – Германија
Данска – Шпанија
Полуфиналните натпревари ветуваат вистински спектакл, а четирите европски селекции ќе се борат за место во големото финале и шансата да ја освојат светската титула.
























