Скопје доби нов ракометен клуб – РК Титан тим, проект во кој се вклучени познати ракометни имиња, на директен или индиректен начин. Треба да егзистира на територијата на Општина Карпош, каде во моментов нема клуб кој се натпреварува во некоја локална сала, иако има неколку клубови со седиште во оваа општина.
Меѓу основачите на Титан тим се Миланчо Тодевски, Јулијана Дамчевска, Никола Перковски, Горазд Дамчевски и Филип Јовановски. Сите на различен начин се поврзани со ракометот, директно или индиректно.
Најпрепознатливо име во ова друштво е Јулијана Дамчевска – поранешна ракометарка и тренер со долгогодишен стаж во женскиот ракомет, која работеше и како селекторка во младинските категории, а последно беше во стручниот штаб на Металург Автокоманда.
Дамчевска е позната по работата со млади и по тоа што со Металург Автокоманда во претходните сезони бележеше одлични резултати, а имаше и забележителни моменти со клубот во европските натпреварувања. За жал клубот не постои.
Со новиот клуб е поврзан и Горазд Дамчевски, кој во моментов важи за еден од поинтересните млади играчи во својата генерација. Тој е син на Јулијана Дамчевска, а Горазд досега беше дел од Голден Арт и Пролет и е член на кадетската репрезентација на Македонија. Во иднина би требало да се пресели во Автокоманда.
Во основачката структура е и Никола Перковски. Тој е близок пријател на сестрата на Јулијана, Билјана Црвенкоска, која пак работи во стручниот штаб на тимот на Кирил Лазаров од Автокоманда. Перковски е поранешен кошаркар, но постојано присутен на ракометните натпревари на трибините.
Филип Јовановски е физиотерапевт и во минатото бил вклучен во работа во Металург Автокоманда, што значи дека новиот клуб уште на старт има и стручна медицинско-спортска поддршка.
Во листата на основачи е и Миланчо Тодевски, поранешен ракометар кој во минатото бил кадетски и младински репрезентативец на Македонија, а денес не е активно вклучен во ракометот.
Во наредниот период треба да стане појасно како ќе функционира Титан тим. Најверојатно ќе почне како ракометна школа, а потоа можеби ќе продолжи како екипа која ќе биде вклучена на системот на натпревари на РФМ. Во зависност од тоа дали првично ќе се определи да работи со машки или девојчиња можно е да има поддршка и од некои силни клубови, особено што дел од основачите имаат свои релации со некои клубови.
____________________________________________________________________________________________________
Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________






















