Азиската ракометна федерација ја потврди листата на учесници и форматот за 28. издание на Азиското клупско првенство, кое од 6 до 17 јуни ќе се одржи во Сабах Ал-Салем, Кувајт. Турнирот ќе има и дополнителна тежина, бидејќи победникот ќе обезбеди место на Светското клупско првенство на ИХФ во 2026 година.
На шампионатот ќе настапат седум екипи од пет држави. Домаќинот Кувајт и Катар ќе имаат по два претставника, додека Бахреин, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати ќе бидат застапени со по еден клуб.
По повлекувањето на кинескиот претставник, натпреварувачкиот систем е сменет. Сите седум екипи ќе играат во лига систем, секој со секого, а четирите најдобри ќе обезбедат место во полуфиналето.
Дури шест од седумте учесници веќе знаат како изгледа шампионскиот трофеј. Ал-Духаил од Катар триумфираше во 2018 и 2021 година, Ал-Араби беше шампион во 2019, Ал-Кувајт ја освои титулата во 2022, Ал-Наџма од Бахреин во 2023, додека последните два шампиони се Ал-Калиџ од Саудиска Арабија и Шарџа од ОАЕ. Единствен дебитант без титула е кувајтскиот Бурган.
Во пресрет на турнирот, клубовите значително ги засилија своите ростери со познати интернационалци. Ал-Араби ги ангажираше Украинецот Игор Турченко, Грузиецот Гиорги Сковребадзе и Кубанецот Педро Валдез. Ал-Калиџ ги донесе голманот Кристијан Пилиповиќ и десниот бек Јанко Божовиќ, Бурган го засили составот со Египќанецот Хасан Кадах, додека Ал-Кувајт во своите редови го доведе македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски.
Победникот ќе се пласира на Светското клупско првенство, каде засега сигурни учесници се европскиот шампион Барселона и шампионот на Океанија, Сиднеј Уни.
























