Костески: Мора да го сфатиме сериозно двомечот со Словачка и да се радуваме на ново СП

Селекторот Кирил Лазаров денеска ја изврши прозивката на ракометарите пред бараж двомечот меѓу Македонија и Словачка за пласман на СП 2027.

Десното крило Ненад Костески потенцира дека Словачка не смее да биде потценета во никој случај и дека овој двомеч мора да биде сфатен сериозно.

„Нашата цел е да го продолжиме континуитетот на големите натпреварувања, но треба да бидеме скромни, присебни и да се подготвиме најдобро што знаеме. Во денешно време не смее да се потцени ниту една репрезентација, сите напредуваат и играат ракомет. Мора да го сфатиме овој двомеч сериозно и да прикажеме една добра игра, бидејќи навистина и ние напредуваме и мислам дека треба да извојуваме две победи за да се радуваме на ново СП. Минатиот бараж со Фарски Острови беше доста драматичен по високиот гостински пораз, па ќе сакаме малку помирен реванш овојпат. Поради тоа мора да бидеме 100% подготвени, да не се потцени противникот и зошто да не си ја олесниме работата. Мора да сме на нивото на кое сме досега и да ја продолжиме низата на големите натпреварувања“, изјави Костески.

Македонија е во поход на десеттиот пласман на СП, односно осми по ред мундијалски настап.

Првиот меч е на програмата на 14 мај од 19:00 часот во „Татран Арена“ во Прешов, додека реваншот ќе биде на 17 мај од 19:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.