Машката репрезентација на Македонија славеше против Романија со 24-23 (3-2 во поени), и го освои третото место во групата А на Медитеранското првенство во словачкиот град Шаморин. Ова значи битка за петтото место утре во генералниот пласман, а ривал ќе ни биде селекцијата на Хрватска. По третини резултатот беше 10-4, 6-8, 8-11.
Избраниците на Горан Кузманоски комплетно доминираа во првата третина и ја добија со 10-4, а можеше разликата да биде уште поубедлива. Романците тешко го наоѓаа патот до македонската мрежа, а и кога ќе дојдеа до позиција, одличен беше голманот Фехми.
Македонските кадети тргнаа со водство и во втората третина, беше 12-4, но почнаа грешки во нападот па ривалот ја преполови разликата и стигна до 12-8. Романците го добија овој период со 8-6 и во последниот се влезе со резултат, 16-12.
Македонија одржуваше позитива меѓу три и четири гола и во последната третина, Романија во финишот успеа да намали и да ја добие третината со 11-8, но немаше закана околу победникот на овој дуел.
Прва е Шпанија со 23,5 поени, Египет е втор со 23 поени, додека Македонија е трета со 18,5 поени, а Романија на четвртото место со 17. Последен предизвик на Медитеранското првенство за Македонија ќе биде дуелот со Хрватска утре од 15:00 часот.
Натпреварите на овој шампионат се игра во три третини по 15 минути, се добива по еден бод за секоја добиена третина (или по 0,5 ако е реми), и уште два за победа.

























