Селекторот на женската репрезентација на Германија, Маркус Гаугиш, го објави списокот за последните две средби од квалификациите за ЕП 2026 против Македонија и Белгија.
Германките веќе се пласирани, па Гаугиш може да си дозволи експерименти и да не смета на најдобрите ракометарки. Одмор ќе добијат Емили Вогел, Виола Лојхтер, Аника Лот, Сара Вахтер, бремената Ксенија Смитс…а голманката Катарина Филтер ќе брани само против Белгија. Против Белгија требаше да игра и средниот бек Алина Гријселс, но таа утре ќе дојде во Скопје и ќе игра и против Македонија.
Аиме Вон Переира и Марике Томајер се враќаат од повреди, а Гаугиш ќе им даде шанса против Македонија на пет дебитантки – четири од нив го освоија златото на младинското ЕП во Црна Гора минатото лето, крилата Кјара Рор и Јана Валтер, како и бековите Марлен Тучолк и Лара Добле. Дебитант на голот на Германија ќе биде Лора Куске од Турингер.
Единствена интернационалка е Вон Переира од данскиот Копенхаген, додека сите други доаѓаат од германските клубови. Меѓу нив ќе биде и 37-годишното лево крило, Антје Дол, ракометарка на Некарсулмер, која работи како полициска инспекторка, но и покрај тоа Гаугиш и ја дава довербата на теренот.
Натпреварот меѓу Македонија и Германија се игра в среда од 18:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“, а овој состав на светскиот вицепрвак може да биде „меч со две острици“. Иако Германките ќе ги немаат најдобрите, сепак младите и дебитантките ќе сакаат да се докажат пред селекторот, па сигурно дека задачата на Македонија нема да биде полесна, туку напротив.
За нашите ракометарки остануваат шансите за пласман на ЕП 2026, а повеќе детали како може да стигнеме на континентален собир прочитајте ТУКА.
Германија е прва со осум бода, Словенија има четири на второто место, Македонија е трета со два бода, додека Белгија е на четвртото место со исто толку.
Состав на Германија:
Мари Веис (Мецинген), Лаура Куске (Турингер), Јени Беренд (Олденбург), Јана Валтер (Лајпциг), Нина Енгел (Бенсхајм), Лара Добле (Гепинген), Марике Томајер (Бенсхајм), Алина Гријселс (Борусија Дортмунд), Нике Куне (Бломберг), Аиме Вон Переира (Копенхаген), Лена Дегенхарт (Бенсхајм), Дана Блекман (Борусија Дортмунд), Антје Дол (Некарсулмер), Кјара Рор (Хановер), Лиса Антл (Борусија Дортмунд), Мари Штефен (Олденбург).

























