Амбициозниот македонски проект Охрид продолжува со засилувањата во пресрет на новата сезона, откако обезбеди уште едно значајно име во својот ростер.
По трансферот на хрватскиот голман Дино Славиќ и унгарскиот десен бек Доминик Мате, охридскиот клуб го договори и српскиот репрезентативец Никола Зечевиќ.
Преговорите со амбициозниот проект предводен од тренерот Борис Ројевиќ се успешно завршени, па 24-годишниот ракометар ќе го има својот прв интернационален предизвик токму во Македонија.
Зечевиќ потекнува од Нова Варош, својата кариера ја започна во Вождовац, додека најголемиот дел од својот развој го мина во редовите на Партизан, каде што пет години е дел од првиот тим и освои вкупно пет трофеи.
Српскиот интернационалец потпиша договор на две сезони и се очекува да биде значајно засилување во составот на Охрид во претстојната сезона.

























