Ракометната јавност утринава беше потресена по веста за ненадејната смрт на еден од најдобрите руски репрезентативци во историјата, Едуард Кокшаров.
Русинот во богата играчка и тренерска кариера помина долго време и во Македонија, како спортски директор на Вардар, но и како тренер на машкиот и женскиот тим од „црвено-црното“ семејство.
Ракометниот клуб Вардар се прости од Кокшаров со порака на социјалните мрежи.
„Со голема тага ја примивме веста за смртта на Едуард Кокшаров.
Човек кој беше дел од едни од најголемите успеси во историјата на РК Вардар, како спортски директор и тренер, и кој остави силен белег во нашиот клуб.
Во периодот на неговиот престој во Скопје, Вардар двапати ја освои ЕХФ Лигата на шампионите, четири пати беше шампион на Македонија и три пати го освои националниот куп.
Зад себе остави големо ракометно наследство и спомени кои ќе траат.
Искрено сочувство до неговото семејство и најблиските.
Почивај во мир, Едуард“, се вели во објавата на Вардар.
По заминувањето од Вардар, Кокшаров работеше како тренер во Ростов Дон, а од 2023 беше предводник на белорускиот првак Мешков Брест.























