Легендата на рускиот ракомет и поранешен тренер на ЖРК Вардар и Вардар, Едуард Кокшаров, почина утринава. Некогашното лево крило почина на 51-годишна возраст во белорускиот град Брест, каде што беше тренер на тимот на Мешков.
Со репрезентацијата на Русија, Кокшаров освои златен медал на Олимписките игри во 2000 година, како и бронза во 2004. На светските првенства триумфираше во 1997 година, а освои и сребро во 1999, додека на Европското првенство стигна до сребрен медал во 2000 година.
На клупско ниво, со словенечкиот Целје осум пати беше шампион на Словенија и ја освои Лигата на шампиони во 2004 година. Подоцна, со Чеховски медведи двапати стана шампион на Русија.
Кокшаров зад себе има и импресивни индивидуални достигнувања – шест пати беше прогласен за најдобро лево крило на големите натпреварувања, а на Светското првенство во 2001 година беше најдобар стрелец. Тој е и единствениот ракометар кој постигнал повеќе од 1.000 голови за руската репрезентација.
По завршувањето на играчката кариера, Кокшаров започна тренерска работа во матичниот СКИФ Краснодар. Во 2016 година се пресели во Македонија, каде што долги години беше спортски директор на Вардар, а во одредени периоди ги предводеше и машката и женската екипа како главен тренер.
За време на неговиот ангажман како спортиски директор, машкиот тим на Вардар двапати ја освои Лигата на шампиони, четири пати беше шампион на Македонија и три пати го освои националниот куп. Женскиот тим, пак, двапати играше финале во Лигата на шампиони и освои по две титули во домашното првенство и куп.
Во периодот од 2017 до 2020 година, Кокшаров паралелно ја извршуваше и функцијата селектор на машката репрезентација на Русија. Во 2022 година ја презеде женската екипа на Ростов Дон, но клубот го напушти во февруари 2023 година по спогодбен раскин и оттогаш до денеска го водеше Мешков Брест.


























