Беше светска шампионка со Франција, па ја смени репрезентацијата, а сега ја завршува кариерата

Една од ракометарките што остави силен печат во францускиот ракомет, но и во ракометот во Сенегал, Њонсијан Ниомбла, објави дека ќе ја заврши својата кариера по крајот на сезоната.

35-годишната ракометарка, која настапува за Дижон, става точка на богата кариера исполнета со врвни резултати и настапи на најголемата сцена.

Ниомбла беше дел од златната генерација на Франција, со која освои светска титула во 2017 година и европско злато во 2018, додека на Олимписките игри во 2016 стигна до сребрен медал.

Во 2023 година направи неочекуван потег и го смени спортското државјанство, продолжувајќи да настапува за Сенегал, со кој беше дел од СП 2023 и СП 2025.

На клупски план, зад себе има богато искуство играјќи за големи европски тимови како Мец, ЧСМ Букурешт и Шиофок.