Екипата на Спартак е вториот учесник на завршниот турнир во Купот на Македонија откако славеше над прволигашот Атлетик со 27-25 во драматичен и интересен натпревар од четвртфиналето.
Ова е историски успех за тимот на Спартак, кој за првпат во клупската историја ќе има шанса да се бори за трофеј.
Предводнички во оваа победа над тимот што досега немаше пораз во сезоната беа Анастасија Николовска со осум и Сузана Зечевиќ со шест гола, а голманката Слободанка Кицеска исто така беше на ниво на задачата. Домашниот стратег Велимир Мицевски во 39 минута мораше да се пресели на трибините откако судиите Ќаеви му доделија црвен картон поради приговор.
Кај Атлетик, Матеа Чурлиновска исто така се истакна на голот, а во нападот девет гола даде Михаела Кралева.
Пред паузата Спартак водеше со 15-14, но за триесетина секунди гостинките дадоа два гола и на полувреме беше 16-15 за Атлетик. Во вториот дел избраничките на Татјана Хмирова долго време водеа со еден или два гола, а во последните десет минути се влезе со реми, 24-24.
Беше и 25-25, пред да има период со грешки и промашени удари на двете страни, па најпрво Сара Цветановска даде гол, а потоа точка на победата стави Зорица Андовска од пенал кога остануваа уште три минути. Сепак немаше голови на двете страни и победата на домаќинките не беше доведена во прашање.
Покрај Спартак, на Ф4 во Купот на Македонија што ќе се игра во Струмица, досега се пласира уште и екипата на Чаир.

























