Македонија и сервираше одмазда на Белгија – направен е чекор кон ЕП

Женската репрезентација на Македонија славеше против Белгија со 33-28 и многу веројатно ќе го освои третото место во групата, што носи место на ЕП ако бидеме меѓу четири од шесте третопласирани во квалификациите.

Гостинките отворија со водство со 3-1, но нашите ракометарки набрзина се вратија во егал и влегоа во ритам. Помогнати од голманката Илиќ, погодуваа Кипријановска и Младеновска, тука беше и Стефаноска, па Македонија успеа да поведе со четири гола, 11-7.

Имаше мал пад во играта на Македонија, но за среќа Белгијките грешеа во серија и не успеаја да се вратат комплетно во игра, иако имаа напад за минус еден. Со голот на Седлоска, нашата селекција отиде на 17-14 на паузата, што беше најави за добро второ полувреме.

Вториот дел се одвиваше слично, Смитс почна да греши, но Антонисен погодуваше, па Белгија се одржуваше на пристојна негатива. Илиќ бранеше во серија, тоа беше казнето и со голот на Ризоска од пенал на десетина минути до крајот, Македонија стигна до плус пет, 26-21.

До крајот немаше многу дилеми околу победникот и нашите ракометарки само ја потврдија победата. Голманката Илиќ блескаше на голот со 13 интервенции, а меѓу стрелците најдобри беа Јанкуловска со осум, како и Кипријановска, Младеновска и Стефаноска со по шест погодоци.

Следен предизвик за Македонија ќе бидат дуелите со Германија и Словенија во ЕХФ неделата во април, а може да се надеваме на ЕП дури и да не освоиме бодови на последните две средби против големите фаворити.