РК Вардар и официјално ја потврди соработката со српскиот репрезентативец Вукашин Воркапиќ, кој од сега е дел од тимот на позицијата десно крило. Според клупската објава, 28-годишниот ракометар се обврзал на верност до крајот на сезоната 2027/2028 и веќе е официјално регистриран за настап.
Со ова, се потврдија претходните најави на 24Ракомет, кој уште во декември пишуваше дека Вардар работи на ангажман на Воркапиќ за следната сезона, а потоа објави и дека трансферот се забрзува и дека српското крило доаѓа во Скопје уште оваа зима. Во најавите беше посочено и дека Вардар добива искусен играч на десната страна, кој треба да ја засили конкуренцијата на таа позиција.
Воркапиќ доаѓа во Вардар по период во Војводина, каде беше еден од клучните играчи и настапуваше во домашното првенство, Купот и европските натпреварувања. Претходно, кариерата ја градеше во Металопластика, а потоа мина и низ француски Иври, што му донесе дополнително интернационално искуство.
Станува збор за играч со сериозен репрезентативен бекграунд. Воркапиќ е член на сениорската репрезентација на Србија, а неговиот профил е евидентиран и во базите на ИХФ и ЕХФ како десно крило, роден 1997 година во Белград. На последното ЕП, како што наведува и клупската информација, беше дел од српскиот национален тим и имаше солиден учинок.

























