Тимот на Бутел Скопје има „меч-топка“ на домашен терен и со победа (или реми) на дуелот со Тиквеш ќе го потврди своето место во суперлигашкиот плеј-оф.
Искусниот чувар на мрежата, Александар Стојаноски, во повеќе наврати знаел да биде „фактор X“ во составот на Бутел, а сега ги сподели очекувањата од пресметката со неговиот поранешен клуб.
„Без разлика што двете екипи влегоа во пролетниот дел од сезоната со неколку играчки промени, ние играме дома и сакаме да ги освоиме бодовите. Добро го познаваме ривалот, екипата на Тиквеш, нашите меѓусебни дуели секогаш се интересни, но сепак сега мислам дека бодовите ќе останат во Бутел. Тиквеш иако остана без дел од бековите, сепак има искусни ракометари, кои знаат да им направат проблеми на сите екипи, добри поединци како Симиќ, Коцев…“, вели Стојаноски.
Бутелци имаат 20 бодови на шестото место, исто колку што има Прилеп, а од позадина шанса чека и Еурофарм Пелистер 2 кој има 19 бодови. Сепак Стојаноски е уверен дека неговиот тим ќе ја продолжи традицијата да влегува во плеј-оф откако се натпреварува во елитната конкуренција.
„Атмосферата е на високо ниво, ние тренираме и размислуваме само за победа и влез во плеј-офот од Супер лигата“, заврши Стојаноски.
Натпреварот меѓу Бутел Скопје и Тиквеш ќе се игра вечерва со почеток од 17:00 часот.

























