Ракометарите на Охрид меѓу двете европски пресметки освоија нови бодови и прославија нов триумф во Супер лигата, откако славеа против тимот на Бутел Скопје со пет гола разлика, 33-28.
За охриѓани ова беа нови бодови, со кои остануваат во ТОП 3 и сега имаат 35, додека Бутел Скопје остана на 20, па за нив мечот со Тиквеш на кој мора да освојат бод или два, ќе биде решавачки за местото во плеј-офот.
„Гладијаторите“ кои беа без Ѓукиќ и Лиапис имаа мали проблеми со бутелци, кои диктираа темпо во првите петнаесетина минути, а потоа беа и на пристојна негатива од еден или два гола.
Сепак гостите почнаа да грешат во финишот на полувремето, нивните грешки беа казнети од охриѓани и до паузата избраниците на Борис Ројевиќ успеаја да стигнат до солидна залиха од шест гола, 17-11.
Во вториот дел беше и плус десет за „гладијаторите“, но момците на Горан Кузманоски не се предаваа, го искористија малото опуштање кај Охрид, одработија добри напади во серија и до крајот на мечот ја преполовија негативата.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа крилата Никола Ристески и Ален Ќосевски со по седум погодоци, додека голманот Бојан Блажески имаше 12 одбрани. Кај Бутел, Дејан Михајловиќ имаше осум од осум, а Димитар Узунчев погоди шест пати.
























