Македонскиот вицепрвак Вардар добива големо засилување за вториот дел од сезоната. Српскиот репрезентативец Вукашин Воркапиќ, актуелен член на Војводина, на почетокот на следната недела треба да дојде во Скопје и ќе го засили тимот на позицијата десно крило.
Трансферот на Воркапиќ во Скопје беше најавен од 24Ракомет уште одамна, и иако доаѓањето требаше да биде на лето, сепак Вардар успеа да го обезбеди неговиот потпис уште оваа зима. Тој викендов ќе игра против Динамо Панчево за последен пат за Војводина, а од понеделник ќе дојде во Скопје.
Воркапиќ има 28 години и кариерата ја започна во клубот Металопластика, каде што се афирмираше како стандарден член на српската репрезентација. Во 2021 година се пресели во Франција и две сезони го носеше дресот на Иври, а минатото лето се врати во Србија, каде повторно стана клучен играч на Војводина.
Во Вардар во моменотв на десната крилна позиција се Гоце Георгиевски и Мигел Пинто, додека Ален Ќосевски замина во Охрид, па Воркапиќ ќе го пополни местото по неговото заминување.
Од Војводина оваа зима дојде бразилскиот среден бек Жоао Педро Да Силва, а Воркапиќ е вториот член од тимот од Нови Сад што ќе дојде во Скопје. Во спротивен правец заминаа Матија Николиќ и Марко Срдановиќ минатото лето.























