Норвешкиот првак Колштад и шведскиот голман Андреас Паличка постигнаа договор за спогодбен раскин на соработката, со што Паличка е целосно ослободен од сите обврски кон клубот. Информацијата беше потврдена од норвешкиот првак.
Искусниот голман ќе ја продолжи кариерата во германскиот Вецлар, кој е предводен од исландскиот тренер Рунар Сигтригсон, а потоа, следното лето, ќе се пресели кај актуелните германски шампиони – Фуксе Берлин.
„Моето време во Колштад беше поинакво од очекуваното. Во исто време, ги разбирам предизвиците со кои се соочува клубот и затоа дадов свој придонес за решение кое е најдобро за двете страни. Му посакувам на Колстад сѐ најдобро во иднина“, изјави Паличка во клупското соопштение.
Паличка му се приклучи на Колштад пред почетокот на сезоната како замена за Торбјорн Бергеруд, а неговиот договор требаше да важи до крајот на следната сезона.
Според информациите на ТВ2, Паличка бил најплатениот ракометар во Колштад, со годишна плата од 550.000 евра.
Тој е вториот играч што го напушта Колштад по Нова година, откако претходно Симон Лисе замина во ПСЖ, шест месеци порано од првично планираното, иако договорот со францускиот гигант требаше да стапи на сила дури на лето.


























