Лидерот на табелата во македонската Супер лига, Вардар, прослави уште еден триумф во елитната конкуренција, откако славеше над Бутел Скопје со 34-23.
Вардарци се први на табелата со 38 бода, пред шампионот Еурофарм Пелистер кој има 32, но и меч помалку, а трет е Охрид со 31 бод, а исто така допрва треба да игра со Куманово. Бутел Скопје останува петти со 20 бода и со шанси за плеј-оф.
Домашните ракометари во 10 минута последен пат беа „резултатски блиску“ кога имаа негатива 5-6, по што следуваше иницијатива на Вардар кој направи серија со која зголеми на 12-7 во 18 минута. Потоа се беше рутина.
Во 39 минута првпат Вардар водеше и со десет гола, 24-14. Фаворитската улога лесно беше оправдана до крајот, а двајцата тренери – Чупиќ и Кузманоски им дадоа шанса на сите ракометари.
Најдобри стрелци кај победникот беа Малус со девет гола, како и Марчињак и Боно со по пет погодоци, додека кај Бутел Скопје, капитенот Ѓеооргиевски стрелаше седум пати.
До крајот на месецов на Вардар му претстојат уште четири натпревари – два во Супер лигата и два во Лигата на Европа, од кои двапати ќе биде домаќин и исто толку ќе гостува. Покрај домашниот дуел со Пролет и со Мелсунген, вардарци ќе гостуваат кај Бенфика и во Автокоманда. Бутелци пак, ги чекаат уште гостување кај Охрид и домашен натпревар со Тиквеш.

























