Вардар е пресилен за аутсајдерот Куманово

Се вратија Мигуел Еспиња меѓу стативите и Милан Лазаревски на линијата од шест метри во екипата на Вардар и „црвено-црните“ во комплетен состав немаа проблеми против аутсјадерот Куманово кој од Скопје замина со пораз 30-20 (6-13). Останува Вардар лидер со предност од пет бода во однос на моментно второпласираниот Охрид кој има 31 бод. Еурофарм Пелистер е третопласиран со 30 бод аи меч помалку.

Вардар почнува да ја темпира формата за следните четири натпревари од Лига Европа против Мелсунген и Бенфика. И во домашното првенство од регуларниот дел против екипата од Автокоманда. Следниот период им е важен за настапот во Европа и за продолжението во домашното првенство кога почнува борбата за титулата во плејофот.

Тренерот Иван Чупиќ почна со „првата седморка“ и откако направија позитива од 4-5 гола ја смени речиси целата постава, па „резервистите“ до крај на средбата ја зголемија предноста на „плус 7“ и водство 13-6. Имаше и цепелин од Тузолана и Малус, и парада на Еспиња со која спречи „гол на гол“….

Кумановци „раскрстија“ со речиси сите странци кои играа во есенскиот дел од сезоната освен со голманот Армандо Калзадо, а во првата седморка беше и Олег Јорданов, македонското засилување зимава. Но, без вистински шутери ќе им биде тешко на кумановци да се борат против сериозни екипи. И Давид Димевски најдобриот стрелец на тимот и на лигата лани, играше само во дел од првото полувреме. Потоа се пожали на повреда и остана на клупата до крајот на средбата.

Сигурно е дека Куманово ќе се бори за опстанок, и тоа најверојатно со Струга која екипа да го избегне баражот. Радовиш е последен сите го гледаат како испаднат од лигата.

Кај Вардар четворица играчи се најдоа на трибините: последното засилување Бразилецот Жоао Педро, заедно со Кеита, Валах и Кавада кои сега беа „прекубројни“ и ќе чекаат друга шанса за играње.

На самиот почеток на второто полувреме Вардар првпат во 36 минута водеше со 18-8, а во 38 и со 19-8. Гостите дури во 41 минута го постигнаа 10-от гол. Слично како и во првото полувреме, и во продолжението тренерот Чупиќ им даде шанса на сите, ја „измеша“ поставата на терен.

Максималните „плус 12“ се намалија на само девет гола, вардарци опуштени, гостите без сила да намалат уште некој гол. Јака Малус со 8 гола беше најпрецизен кај домашните, Дмитро Горига даде 5 гола, а по три гола дадоа Боно, Гергиевски, и Пинто. Кај гостите, „десетка“ даде Тоше Ончев.

Во следното коло Вардар гостува кај Бутел, а Куманово го пречекува Охрид.