Бутел Скопје запиша три победи на трите пријателски натпревари во меѓусезоната и славеше против Кастриоти, Пролет и Железничар.
Младиот македонски состав, кој е веднаш зад големата четворка, се наоѓа на чекор до пласман во плеј-офот.
Тренерот Горан Кузманоски ги сподели впечатоците од сработеното за време на подготовките.
„После одиграните пријателски натпревари, можам да бидам задоволен резултатски, но сепак има некој детали на кој што требаше да поработиме посебно во одбрана. Некој од младинците се приклучија во првата екипа и добро се вклопија во овој период“, вели Кузманоски.
Бутел Скопје пред пролетниот дел од сезоната остана без еден од најдобрите стрелци – десниот бек Филип Николов, но и двајцата странци – Јапонецот Рио Козакаи и Грузиецот Давид Гришикашвили. Но дојдоа нови тројца – надежниот пивот Матеј Марковски, младинскиот репрезентативец Христијан Ѓурмешевиќ и искусното десно крило Мице Шилегов.
„Останавме без тројца играчи, еден од нив е Николов кој што имаше одлични сезони во Бутел и заслужено потпиша во подобра екипа. Исто така останавме без Спасовски, кој поради повреда веќе ја заврши сезоната, а ни беше главна алка во напад и одбрана. Замена за него ќе биде Шилегов кој што е искусен играч. Николоски исто така на неколку натпревари ќе отсутсвува поради повреда. Гурмешевиќ и Марковски се вклопија брзо и ќе имаат шанса да се докажат и да напредуваат“, вели Кузманоски.
За Бутел Скопје остануваат четири меча од регуларниот дел против Струга, Вардар, Охрид и Тиквеш, па Кузманоски не размислува за плеј-офот.
„Прво треба да го завршиме првиот дел, ни остануваат битни натпревари, иако помладени се надевам на пласман во плеј-оф. За евентуален настап во Европа ќе размислуваме после тоа“, продолжи Кузманоски.
Бутелци утре гостуваат кај Струга.
„Секое гостување во Струга треба да го се сфати сериозно, затоа што ако не бидеш на 100%, Струга може да те казни, тоа се покажало и сезонава. Ние сме подготвени и знаеме дека овој прв меч после паузата, ќе биде од големо значење за нас, во борбата за плеј-оф“, заврши Кузманоски.
Натпреварот меѓу Струга и Бутел Скопје се игра утре во СЦ „Тими“ со почеток од 16:00 часот.

























