Десниот бек Филип Николов е најновото име што ќе го засили актуелниот освојувач на трофејот во ЕХФ Европскиот Куп – „сино-белиот“ тим од Автокоманда, дознава 24Ракомет.
Велешанецот дебитираше за сениорската репрезентација во ЕХФ неделата на пријателските средби со Јапонија и сега се приклучува на клубот каде што играат најголем број на македонски репрезентативци.
Николов кој се профилираше како еден од најдобрите десни бекови во лига и најдобри стрелци на Бутел Скопје во минатите три сезони, по акумулираното искуство низ настапите во Борец, Радовиш и Охрид, сега ќе заигра под водство на македонскиот селектор.
Клубот од Автокоманда покрај Николов, оваа зима ќе ги засили своите редови и со српскиот интернационалец Миљан Пушица, па ќе има тројца странци за натпреварите од плеј-офот покрај Борзаш и Тордарсон.
Николов на десната бековска позиција ќе ја дели минутажата со Мартин Велковски и Мартин Серафимов. Од Автокоманда замина Михаил Иваноски, кој кариерата ќе ја продолжи во словенечката Ајдовшчина.
Новото засилување на тимот на Лазаров беше на списокот на резерви за Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка.



























