Данската ракометна федерација започна потрага по нов главен спонзор кој ќе стои на предниот дел од дресовите на машката репрезентација. Досегашниот партнер, енергетско-телекомуникациската компанија Норлис, одлучила да не ја продолжи соработката по истекот на договорот, кој завршува на 30 јуни 2026 година.
Од федерацијата посочуваат дека Норлис бил присутен на дресовите од 2021 година, период во кој Данска се профилираше како апсолутна светска сила – со три последователни светски титули и со статус на еден од главните фаворити и на претстојното Европско првенство, кое се игра на домашен терен.
Причината за повлекувањето на Норлис, според нивните објаснувања, е промена во маркетинг-насоките – брендот денес е на „друго место“ во перцепцијата на јавноста во споредба со пред пет години, па компанијата ќе ги пренасочи приоритетите во промотивните активности во наредниот период.
Европското првенство во јануари ќе биде последното големо натпреварување на машката репрезентација на Данска со логото на Норлис на предниот дел од дресовите. Во меѓувреме, кај женската репрезентација на Данска главната реклама на дресот ја носи друга компанија.


























