Кристопанс по три години заигра за репрезентацијата, Летонија ја мина првата пречка до СП!

Викендов се комплетираа двомечите од првиот бараж за пласман на Мундијалот во Германија и селекциите на Косово, Летонија и Турција, веќе може да размислуваат за втората пречка кон СП.

Турција доминираше во двомечот со Кипар, триумфирајќи со вкупни 68-46 на двата меча, додека дуелите Косово – Велика Британија (67-56) и Летонија – Луксембург (62-53) понудија поголема неизвесност.

Турција го доби првиот натпревар против Кипар на гости со 33-27, а во реваншот во Анкара доминираше уште повеќе – веќе на полувреме водеше 22-10, а на крај славеше со убедливи 35-19.

Во Велика Британија, повеќе од 1.500 домашни навивачи не беа доволни за изненадување – голманот на Косово, Харис Бериша блесна со 19 одбрани (43%), а неговиот тим победи 32-26. Реваншот во Приштина заврши со победа од 35-30, што им донесе на Косовците вкупна победа од 67-56 и пласман понатаму.

Кај Летонија, по три години заигра десниот бек Даинис Кристопанс, но имаше споредна улога и беше повеќе во улога на поддршка, мотиватор и асистенција на стручниот штаб.

Голманот Ритварс Путра (15 одбрани, 44%) и 21-годишниот бек Јанис Павелс Валковскис беа јунаци во првиот меч со 28-20 против Луксембург. Вториот меч беше далеку понеизвесен – Летонија победи со 34-33, а клучни голови во последната минута постигнаа Раулс Серафимовичс и Ендис Куснерс.

Трите победници од првата фаза ќе им се приклучат на уште 13 селекции во втората квалификациска рунда, односно вториот бараж, кој ќе се одигра во март 2026 година. Потоа, во мај 2026, ќе се игра третата квалификациска фаза, третиот бараж, по кој ќе бидат познати 10 учесници од Европа на СП 2027.

Македонија ќе игра или еден или два баражи, а повеќе детали за патот на нашата селекција до нов Мундијал, прочитајте во продолжение.

Денеска стартува борбата за СП 2027 – каков е патот на Македонија до нов Мундијал?