Портнер суспендиран до 10 декември – ги пропушта двата меча со Еурофарм Пелистер!

Случајот околу позитивниот допинг-тест на голманот на швајцарската репрезентација и германски Магдебург, Никола Портнер, доби свој епилог.

По жалбата на Националната антидопинг агенција на Германија, сите страни – Светската антидопинг агенција, германската Бундес лига и самиот играч – постигнаа договор за кратка суспензија.

Во заедничката изјава се нагласува дека нема никакви докази за намерна употреба на допинг-супстанци.

Претходно, Портнер беше ослободен од одговорност од страна на раководството на Бундес лигата, и покрај тоа што на контролата беше пронајдена минимална количина метамфетамин.

Според договорот, голманот на Магдебург ќе мора да направи пауза до 10 декември 2025 година, кога ќе може да настапи на својот следен официјален натпревар. Сепак, тој ќе се приклучи на тренинзите на клубот за околу осум недели.

„Според постигнатиот договор, Никола Портнер ќе биде вклучен во тренажниот процес по два месеци, додека следниот официјален настап ќе го има на 10 декември 2025 година,“ соопштија од Магдебург.

Ова значи дека Портнер нема да настапи на двете средби против Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите кои се закажани за 23 октомври и 26 ноември.