Како најдолговечен ракометен турнир на овие простори, Струга продолжува да ја негува традицијата, со oорганизирање на меѓународниот турнир на отвореното ракометно игралиште покрај „Женската плажа“ што ќе означи и почетокот на новата сезона. Годинава, по 53. пат ќе се игра „европски“ ракомет во Струга, со 6 екипи од кои две се од странство. Од 13 до 16 август, се ќе биде во знакот на ракометот.
Струга е градот од кој потекнуваат многу ракометари што оставиле трага во македонскиот ракомет, а колку и да заминуваат тие во другите клубови од Супер лигата, секогаш се појавуваат нови и нови таленти покрај езерото.
Иако домаќинот на еден од најстарите турнири во Европа ниту еднаш го нема освоено трофејот на турнирот што се игра на отвореното игралиште „Горан Попоски Бабец“ покрај „Женската плажа“, сепак секогаш ги освојувал симпатиите на публиката.
Капитенот на стружани и најдобриот стрелец во клубот, левото крило Ненад Костоски, очекува тој и соиграчите да прикажат добри партии.
„Моите очекувања од настапот на турнирот се што подобро да се воиграме и да се покажеме во што е можно подобро светло. Натпреварите на овој турнир да ги искористиме за да видиме што треба да се поправи во фазата на одбрана и напад“, вели Костоски.
Стружани ќе се соочат со Охрид и Бурса во групата.
„Нашиот прв противник на Струшкиот турнир е екипата на Охрид. Ќе биде исклучително интересно да се одигра едно езерско дерби на отвореното ракометно игралиште. Покрај тоа што и двете екипи имаат значително променет ростер на играчи верувам дека публиката ќе ужива во 60 минутно надигрување. Додека пак Бурса е вицепрвак на Турција, не ни е позната, но ќе биде интересно да се пробаме и против нив“, продолжи Костоски.
Тој смета дека нема фаворити за трофејот.
„Според традицијата на турнирот се покажало дека низ минатите години нема фаворити. Секоја екипа која е учесник на овој турнир доаѓа со желба и мотивација да го освои првото место“, продолжи Костоски.
Струга мораше да игра бараж минатата сезона за опстанок во елитата, но Костоски се надева дека тоа сега нема да биде случај.
„Целите на клубот во претсојната се да имаме поуспешна сезона од минатата и да се обезбеди опстанок во елитата и за наредната сезона“, заврши капитенот на стружани.
СТРУГА – сезона 2025/2026
Дојдоа: Наум Костов (Охрид), Александар Ѓурѓевиќ (Борец ФЛ), Стефан Атанасовски (Пролет), Александар Ангеловски (Белфор)
Заминаа: Огњен Остиќ ?, Лазар Ристиќ (Пролетер Зрењанин), Александар Стојков (Куманово), Богдан Мијушковиќ (Тиквеш), Јулијан Матески (Мулти Есенс), Немања Џигероски (Мулти Есенс)
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ НА „СТРУГА 2025“
13 август: Струга – Охрид
15 август: Струга – Бурса
16 август: меч за пласман
❗❗ Дознајте ги сите новости поврзани со 53. издание на турнирот во Струга во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24Ракомет.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…
СТРУГА 2025: Ферукоски – Шанса ќе добијат сите играчи, Охрид е главен фаворит за трофеј
СТРУГА 2025: Познат распоредот – езерски двобој за старт на турнирот