Како најдолговечен ракометн турнир на овие простори, Струга продолжува да ја негува традицијата, со oорганизирање на меѓународниот турнир на отвореното ракометно игралиште покрај „Женската плажа“ што ќе означи и почетокот на новата сезона. Годинава, по 53. пат ќе се игра „европски“ ракомет во Струга, со 6 екипи од кои две се од странство. Од 13 до 16 август, се ќе биде во знакот на ракометот.
Интернационалниот карактер на турнирот во Струга годинава „го бранат“ две екипи. Едната од нив доаѓа од Србија и за првпат ќе настапи покрај Охридското Езеро. Лани во првенството на Србија, екипата го освои шесто место на крај од сезоната, и разигруваше за влез во полуфиналето на плеј-офот. Но, налета на Металопластика која победи на домашен терен, а одигра реми во Крагуевац.
Машки ракометен клуб Раднички од Крагуевац го доживеа својот врв во сезоната 2013/2014, кога за еден гол им „избега“ титулата првак на Србија. И покрај тоа, тимот постигна голем успех со пласман во СЕХА лигата, со што значително ја подигна репутацијата на клубот и на самиот град на ракометната мапа на Европа.
Во тој период, Раднички беше редовен учесник и во европското натпреварување Челинџ Купот, што дополнително го потврди квалитетот и амбициите на клубот. Оваа ера останува запаметена како една од најуспешните во историјата на клубот, со значаен придонес во развојот и популаризацијата на ракометот во Крагуевац и пошироко.
Тренер на тимот е искусниот Родољуб Курандиќ, кој успешно го води клубот веќе една и пол сезона.
„Очекувам добри натпревари, пријатно дружење и – најважно – сè да помине без повреди. Првпат сме на турнирот, сè е ново за нас и се надевам дека ќе имаме уште вакви шанси во иднина. Групата во која сме е силна. Се надевам дека ќе играме квалитетно и ќе го примениме сè што работевме во подготовките. Доаѓаме во комплетен состав, освен Немања Мојсиловиќ кој е со кадетската репрезентација на Србија. Според мене, Охрид е главен фаворит за освојување на турнирот. Ќе се обидеме да направиме чекор напред во однос на минатата сезона. Ќе биде тешко поради квалитетот на натпреварувањето, но со добра работа и здравје, можеме да постигнеме добар резултат, изјави Курандиќ.
Капитенот Стефан Станојев вели дека претходните години го следел турнирот во Струга и запознаене е со тоа каков квалитет на екипи тука настапуваат.
„Бидејќи сме уште во рана фаза на подготовки, не очекуваме да бидеме во полна форма, но со многу желба и ентузијазам го очекуваме турнирот и се надеваме дека ќе го претставиме клубот и градот на најдобар можен начин. Го следам со години наназад и секогаш имало квалитетни екипи и натпревари, па очекувам и оваа година да биде така. Ги познаваме екипите само делумно, но знаеме дека сите се одлични и се котираат високо во своите шампионати. Очекувам физички тешки натпревари со многу трчање. Моето мислење е дека екипата на Охрид има најквалитетен состав и долг ростер, па според мене тие се главни фаворити за титулата на турнирот. Минатата сезона беше добра за нас – неколку топки не’ одвоија од влез во полуфинале. Се надеваме дека оваа сезона ќе направиме чекор напред и ќе влеземе во најдобрите четири, изјави Станојев.
Во клубот лани настапуваа четворица ракометари со искуство од Македонија – Милан Ѓукиќ (Еурофарм Пелистер, Еурофарм Пелистер 2), Јанко Гемаљевиќ (Тиквеш), Душан Медиќ (Тиквеш) и Жарко Барјактаревиќ (Скопје, Струга, Јуниор КВ). Ова лето заминаа Ѓукиќ и Гемаљевиќ, но тука и натаму се Медиќ и Барјактаревиќ.
Составот на Раднички Крагуевац за сезоната 2025/2026
Голмани: Душан Петровиќ, Страхиња Ѓериќ, Огњен Јовановиќ
Леви крила: Милош Баруџиќ, Реља Колаковиќ
Десни крила: Милош Мутаџиќ, Стефан Живановиќ
Леви бекови: Душан Касаловиќ, Ален Хорват
Средни бекови: Стефан Станојев, Душан Медиќ, Томо Вељковиќ, Алекса Паприќ
Десни бекови: Лука Ѓериќ, Жарко Барјактаревиќ
Пивоти: Радован Маљевиќ, Бранко Карановиќ, Лазар Витошевиќ
Дојдоа: Алекса Паприќ, Ален Хорват, Стефан Живановиќ, Огњен Јовановиќ
Заминаа: Милан Ѓукиќ, Јанко Гемалјевиќ, Петар Паниќ, Богдан Величковиќ, Милан Барбуловиќ
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИ НА „СТРУГА 2025“
13 август: Бутел – Раднички
14 август: Тиквеш – Раднички
16 август: Меч за пласман
❗❗ Дознајте ги сите новости поврзани со 53. издание на турнирот во Струга во специјалниот дел посветен на турнирот на страниците на 24Ракомет.
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…